Press "Enter" to skip to content

Пеколниот пат низ тестирањето од КОВИД-19 или како умре Р.З. (2/2)

05.04.2020

Од неподобен за државно КОВИД тестирање до негативен рапид тест – како умре пациентот Р.З.

Р.З. е локалниот трговец на градскиот пазар во Куманово. Има две деца и сопруга, за кои до пред само два дена тој преставува столбот на нивниот финансиски опстанок. На 31 март годинава Министерството за здравство соопштува дека четириесет и пет годишно лице кое патело од дијабетис и прекумерна тежина починало од вирусот КОВИД 19. Кумановскиот пациент влегува во статистиката од 11 жртви на вирусот на национално ниво. Оваа сторија на ИРЛ ги открива многубројните обиди кои тој ги презел веднаш штом забележал дека има повеќе од симптомите, а бил и хронично болен и во контакт со лица од странски држави. Во јавното здравство и покрај сите напори не успеал да закаже тестирање, па пошол во “Систина” каде што добил негативен резултат.

Во оваа приказна ќе ги користиме неговите иницијали во интерес на приватноста на ужаленото семејство со кое што ИРЛ стапи во контакт да направи проверка на одредени информации дадени од институциите и матичниот лекар.

Првите симптоми

23 март, 2020

Р.З. забележува симптоми кои го потсетуваат на оние од КОВИД 19. Се јавува кај својот матичен лекар. Тој му прави епидемиолошки тест за да провери дали ги исполнува условите за тест на Инфективната клиника во Куманово.

„Ми се јави Р.З. и ми кажа дека има сува кашлица, 37.5 температура и болки во мускулите, дека не бил во контакт со инфицирано лице, ниту патувал во странство. Според епидемиолошкиот тест, тој не ги исполни условите за тестирање и не можев да му закажам тест преку “Мој термин”, вели докторот Марко Атанасовски, негов матичен лекар од поликлиниката “д-р Ѓоше” во Куманово. 

Тој повеќе не оди на пазар да продава чорапи бидејќи болеста го кутнува, а и не сака да се шета наоколу поради сомнежите дека можеби има вирус.

Втор обид за тестирање

26 март, 2020

Доктор Атанасовски се јавува кај својот пациент за да провери како е. Р.З. се чувствува исто. Тогаш му соопштува дека пред 10 дена имал контакт со братот и мајката кои биле дојдени од Франција каде што живеат. Мајката останала во Куманово и имала блага кашлица. Му се прави уште еден епидемиолошки тест.

„За несреќа, пак не ги исполни условите за тест во државното здравство” – вели матичниот лекар. 

Последната средба

27 март, 2020

Р.З. конечно се успокојува. Врти кај својот матичен лекар да му ја каже навидум радосната вест.

„Докторе, денес направив тест во “Систина”. Негативен сум, да знаете, веројатно сум само настинат”, му соопштува на својот лекар. 

И докторот и пациентот се радуваат на добриот резултат. Р.З. оди кај својот матичен лекар истиот ден за да му препишат терапија за настинка.

„Тој ден последен пат го видов во мојата ординација”, раскажува Атанасовски. „Јас тогаш носев само ракавици, бидејќи тој имаше негативен тест“. 

Резултати од тестот за КОВИД-19 на пациетнтот Р.З. од Аџибадем Систина

Лоши вести

29 март, 2020

Денеска Р.З. се чувствува многу лошо. Според податоците од Центарот за јавно здравје во Куманово на 29 март му се прави тест во болницата во Куманово, каде што е хоспитализаран на инфективното одделение. Ноќта му се влошува состојбата и како итен случај се носи во болницата „8-ми септември“ во Скопје.

30 март, 2020

Попусти биле обидите на лекарите на Инфективната клиника во Скопје за да го спасат. Умира неколку часа по хоспитализацијата. Или, речиси во исто време со добивањето на резултатите од тестот – позитивен на Ковид-19.

31 март, 2020

Министерот за здравство Венко Филипче соопштува за уште една жртва на коронавирус, без да открие никакви дополнителни детали.

„Станува збор за маж на возраст од 45 години, кој преку Одделението за инфективни болести во болницата во Куманово бил испратен во ГОБ „8 Септември“, каде иницијално бил третиран, имал влошување на состојбата и доцна вечерта бил префрлен на Клиниката за инфективни болести, каде за жал не успеала реанимацијата по пулмоналното откажување. Инаку, епидемиолошки се поврзува со член од семејството којшто бил на патување во странство, во Франција пред отприлика две недели. Пациентот бил со бројни минати болести: дијабетес, болест на срцето, фибрилација, хипертензија и обезност. “ рече министерот Филипче.

Денеска Санитарна и здравствена инспекција е во контрола на приватната поликлиника „Д-р Ѓоше“ во Куманово. Земена е изјава од матичниот лекар, а најавено е тестирање на персоналот со оглед дека докторот имал контакт со пациентот на 27 март, истиот ден кога од Систина добил „доказ“ дека е негативен. Ова за ИРЛ го потврди матичниот лекар на Р.З.

Разлика во тестовите

До денес, според официјалните податоци на Министерството за здравство направени се вкупно 4,117 тестови, додека бројот на болни е 384. Македонија, како и мнозинството од државите во светот нема тестови за сите кои ќе пројават симптоми. Во моментов во Македонија се прават два вида теста – молекурални тестови кои што ги прави државното здравство, како и лабораториите „Биотек” и „Авицена” и болницата „Жан Митрев”. Но, каде и да се обратите, тешко се доаѓа до таканаречните молекурални тестови или текстови за дијагностика на вирусот. Истовремено, пред околу една недела, болницата „Систина” набави таканаречени рапид тестови, или тестови кои, за разлика од молекуларните можат да утврдат дали имате антитетела на вирусот.

Многу од граѓаните не се добро информирани за тоа каков е рапид тестот, односно дека истиот може да покаже дека сте болен само по 5-от или 7-от ден од болеста кога почнуваат да се создаваат првите антитела од моментот на инфекција или да покажат дали сте го прележале вирусот.

ИРЛ пишуваше за неетичките пракси на реклама на „Аџибадем Систина” за овие тестови и наведување на граѓаните дека ова се дијагностички тестови, иако се имунолошки. Повеќе за ова може да прочитајте овде и овде.

Разлика во информациите

И молекуларните тестови можат да дадат погрешен резулат и тоа веќе се случи. Но, државните институции постојано напоменуваат дека нема тестови со 100 процентна сигурност и постои мал процент ризик којшто може да даде грешен резултат. Кога нашите репортери се јавија во „Систина” таму не ни беше посочено какви се нивните тестови и гарантираа дека се сто проценти точни, произведени од познат холандски инвеститор. Погледнете го видеото. Истото илустира и колку е тешко да се закаже термин за тестирање и во државните и во приватните институции.

(ВИДЕО)Колку е тежок патот до тестирањето 

По написите на ИРЛ и прозивките од медиумите за етичко информирање на граѓаните, вчера Министерството за здравство соопшти дека тестовите во „Систина“ се различни од сите други.

Холандски тестови, швајцарски посредник

Болницата „Систина” реагираше жестоко кога ИРЛ напиша дека нивните тестови се имунолошки, а не дијагностички за КОВИД-19. Исто така, ИРЛ ја испитуваше и улогата на институциите во обезбедувањето амбиент во којшто граѓаните нема да бидат манипулирани и ќе имаат пристап до точни информации за тоа каде и каков тест се прави и каква информација може истиот да му обезбеди на граѓанинот.

„Систина“ соопшти дека нивните тестови се врвни холандски тестови. ИРЛ ја побара компанијата која што се посочува како производител. Компанијата “Инзек” е регистрирана во Холандија во 2016 година. Има само 1 вработен, тоа е сопственикот Заки Хамид. Основана е со влог од 10 евра. А рапид тестот за КОВИД-19 го продава под брендод Биозек, основан во 2017 година како подбренд на Инзек.

Дел од информативниот технички опис на тестот испратен од Аџибадем Систина

Но, „Аџибадем Систина“ тестовите „Биозек“ ги набавила преку посредник компанија регистирана во Швајцарија.

Компанијата “Спринг Хелткеар” е регистрирана пред една година, на 2-ри април 2019, во градот Афолтерн Ам Албиис близу Цирих. Според докуметите од централниот регистар на компании во Швајцарија, најпрвин основната дејност на оваа компанија е да обезбедува секаков вид услуги во областа на меѓународни деловни и даночни совети. По што, додадено на ова е и набавка, продажба и трговија на производи наменети за аптеки или здравствени институции.

Директор и сопственик на оваа компанија е младиот Лујо Микуличич од Цирих. Тој поседува и пет други компании со различна дејност на работа во Швајцарија, Германија и Данска.

Според документите до коишто дојде ИРЛ, „Аџибадем Систина“ рапид тестовите ги набавиле од оваа фирма.

ИРЛ се обрати во Агенцијата за лекови и медицински средства, МАЛМЕД за да праша дали тестот „Биозек“ ја минал процедурата на регистрација.

„Во однос на прашањето за статусот на ковид тест на производител „Inzek Inernational Trading B.V.“, Холандија, Ве известувам дека за истиот е поднесена соодветна документација за запишување во регистер на медицински средства согласно Правилникот, со што е отпочната постапката на регистрација”, се вели во дописот на МАЛМЕД до ИРЛ, со дополнение дека и тие како Министерството за здравство апелираат дека ова се имунолошки тестови.

ИРЛ се јави и во холандското Министерство за здравство да праша дали властите ги користат тестовите од „Биозек“. Тие не упатија да ја погледнеме нивната официјална страница каде што може да се најдат сите информации за борбата со КОВИД-19 на холандската влада.

Овие тестови не можат да утврдат дали некој го носи вирусот во време на тестирањето и да утврдат дали е заразен во тоа време. Корисниците можат да станат непотребно загрижени или лажно сигурни, пишува на страницата на Националниот институт за јавно здравје во Холандија.

Никогаш нема да дознаеме дали навременото дијагноза на кумановецот Р.З. ќе ја спречела неговата смрт, со оглед на тоа дека истиот бил сериозно и хронично болен и спаѓал во високо ризичните пациенти. Сепак, точно и навремено тестирање во државното здравство и правилни информации за можностите на тестовите на пазарот, ќе спречеа контакт на Р.З. со бројни здравствени работници. Овој случај покажува дека и дури и лекари ги земале овие тестови за параметар дека пациентот навистина нема вирус по негативниот тест, па се охрабриле да го прегледаат лично.

Продукција: Репортерски тим на ИРЛ во состав Сашка Цветковска, Маја Јовановска, Давид Илиески, Деница Чадиковска и Александра Денковска

Илустрација: Лука Блажев

 

Корекција: Овој текст беше корегиран непосредно по објавувањето во овој дел: А рапид тестот за КОВИД-19 го продава под брендод Биозек, основан во 2017 година како подбренд на Инзек. ИРЛ поради техничка грешка напиша 2019. Годината е 2017.

Повеќе од Насловна централнаПовеќе теми во Насловна централна »
Повеќе од Ковид-19Повеќе теми во Ковид-19 »