Press "Enter" to skip to content

Швајцарскиот сеф на железниот олигарх

Минчо Јорданов го темели својот успех на остатоците од општествените претпријатија и на контроверзни државно спонзорирани зделки. Но, додека ја градел бизнис-империјата, истовремено чувал милиони на непријавени сметки во Швајцарија. Податоците што беа споделени со германскиот национален весник „Зидојче цајтунг“ и Меѓународниот проект за известување за организиран криминал и корупција (OCCRP) откриваат досега непознати детали за патот на Јорданов од социјалистички службеник од јавен интерес до балкански тајкун. 

Известуваат: Сашка Цветковска, Бојан Стојановски

„Моторот“ на нелегалните текови на пари го чинат две работи: држави во кои е легално тајно да поседувате фирма и држави во кои е легално тајно да поседувате банкарска сметка. Минчо Јорданов ги имал и двете. Тој не е само бизнисмен и виден член на Управниот одбор на Стопанската комора, Минчо Јорданов е и единствениот бизнисмен што истовремено бил јавен функционер кој се најде во податоците од меѓународната истрага на швајцарската банка „Кредит Свис“.

Преглед на сите сметки кои ги поседувал или за коишто бил овластен. Вкупно се осум сметки.

ИРЛ и партнерите ќе откријат дека тој поседувал осум сметки – три лични и пет на име на компании што ги претставува. Сметките се отворени во периодот од 2000 до 2009 година, кога Минчо Јорданов ќе добие доверба да биде заменик-премиер од 2004 до 2006 година во владата на СДСМ, предводена од Владо Бучковски. 

Во изминатата деценија најмалку двапати беше прв на листата на „Форбс“ на најбогатите луѓе во земјава, а во 2015 година се најде меѓу петте најбогати во регионот. Припаѓа на оној мал 0,1 процент на луѓе во чии раце е најголемиот дел од целото богатство на земјата. На почетокот направено е во челичната и градежната индустрија, а денес поседува медиуми, болница, винарница и акции во странски офшор-фирми кои оперираат во Македонија. 

Раѓањето на империјата „Зегин“: Швајцарски сметки, банкротирани исландски фондови и една долга приватизација

Медиумското покривање во првите две децении од независноста сугерира дека финансискиот успех на Минчо Јорданов почива на приватизацијата на повеќе поранешни општествени гиганти, а богатството го создава преку голем број државно спонзорирани зделки кои Јорданов ги ужива во текот на целата своја бизнис-кариера. 

Подемот на социјалистичкиот службеник

Тој не сака да биде потсетуван на тоа минато ниту, пак, да биде нарекуван олигарх. Себеси се доживува како „вистински инвеститор“, како што ќе изјави во една пригода пред повеќе од 10 години. 

„Ме ставаат во таа група олигарси и сакам да потенцирам дека нема никакви елементи за да ме ставаат во таа група со негативна конотација. Јас покажувам вистинско однесување на вистински инвеститор“, ќе нагласи пред медиумите кога Никола Груевски од позиција на премиер ќе оди да му честита на Јорданов затоа што подигнал кредит за инвестиции во нов погон на „Макстил“. (23.4.2007)

Но, Јорданов не бил отсекогаш бизнисмен. Неговата кариера почнува во државното односно општествено претпријатие „Рудници и железарници“-Скопје, меѓу граѓаните популарно наречено Железара. Како виден член на КПЈ, во 1987 година станува генерален директор на Железара, за многу бргу да си замине пред повторно да се врати. 

Писмо на стечаен работник од Рудници и Железарници испратено до Владата на РМ во Агенцијата за приватизација со датум од јули 2003 кога премиер е Бранко Црвенковски. Ова е само едно од  многубројните писма на работниците  кои што тврдат дека биле измамени и ограбени од свотие акции за време на процесот на приватизација на Железара

Во 1990 година Јорданов заминува во Москва како претставник на државната компанија „Технометал“ да ги претставува интересите на државните компании од национален интерес. Во фокусот на неговата работа е обезбедување зделки за Железара. Во Москва ќе стекне важни и богати пријатели кои подоцна ќе му станат бизнис-партнери во Македонија. Најважниот е руско-украинскиот тајкун и политичар Сергеј Тарута. Човек кој исто како и Јорданов милионите ќе ги создаде во 90-тите години токму во челичната индустрија. 

Архива на Фокус со осврт на наследството коешто Јорданов го остава како вицепремиер

Не е јасно што сработил во овој период за државните компании, но од Москва не се враќа државниот трговски претставник, туку директор на швајцарската компанија „Дуферко“, која подоцна заедно со Јорданов ќе го приватизира „Макстил“. Непосредно пред приватизацијата, во 1994 година Јорданов си оди од „Дуферко“ и повторно станува директор во „Рудници и железарници“. 

Овој поранешен југословенски гигант е најголемиот „виновник“ за брзиот подем на некогашниот социјалистички директор и трговски патник. На Минчо Јорданов му тргнува мошне добро откако во 1997 година преку Законот за трансформација на општествени претпријатија Железара ќе стане АД „Макстил“, а тој и „Дуферко“ едни од новите сопственици. 

Следната година ќе се активира политички и ќе стане економски советник во владата на ВМРО-ДПМНЕ предводена од Љубчо Георгиевски, за по шест години да напредува во заменик-премиер, но во идеолошки спротивниот табор. 

Државна функција за лични економски реформи 

2004 година

На предлог на новиот мандатар од СДСМ, Владо Бучковски, еден од највидните брендови на транзицијата станува член на највисокиот државен врв – заменик-претседател во Владата и клучниот човек за креирање на економските политики во државата. Неговиот мандат ќе го следат обвинувања за лобирање и висока корупција. 

Согласно тогашниот Закон за спречување на корупцијата, како избран и именуван функционер, Јорданов морал да поднесе анкетен лист во Државната комисија, а истовремено не смеел да биде ангажиран или да управува со приватни компании. Вкупните максимални суми на секоја од швајцарските сметки во даден период за сите осум сметки изнесувале 37,7 милиони франци или околу 35 милиони евра. 

Временскиот приказ на отворањето на сметките покажува дека во моментот кога стапил на функција веќе управувал со четири активни сметки во Швајцарија, од кои една е заедничка со сопругата Елица Јорданова. Од тие шест сметки во „Кредит Свис“, две се лични сметки, а четири се сметки на правни лица, каде што Јорданов управувал со средствата, нешто што не би можел да го прави доколку не би имал ангажман во тие компании. 

На една од неговите лични сметки во „Кредит Свис“, отворена на 15 мај 2002 година, максималната сума пари ќе биде регистрирана на 31.12.2005 во износ од 3 536 651  франци. Ова се случува додека Јорданов е заменик-премиер и извршува јавна функција. 

Според анкетниот лист што Јорданов го доставил во Државната комисија за спречување на корупцијата, тој не пријавил средства на сметки во странство. Освен швајцарските сметки, Јорданов во тоа време бил сопственик на компанијата „Репро оне лимитед“, регистрирана на тропските Британски Девствени Острови, позната офшор-дестинација каде што тајноста на сопствеништвото е законски гарантирана. „Репро оне лимитед“ е и центарот на бизнис-потфатите на Јорданов. 

Со оваа фирма тој учествува во преземањето на „Макстил“, „Факом“ и подоцна на „Бетон“. Дека таа фирма е негова пред институциите ќе пријави во јануари 2021 годината или 22 години од нејзиното регистрирање, кога на тоа ќе го принудат новите законски обврски. 

Дискрецијата што ја гарантираат швајцарскиот банкарски систем била доволна за Минчо Јорданов да остане надвор од „радарот“ на домашните институции. Но, тој не застанал овде, и за време на мандатот отворил уште две сметки. Првата е на 28 октомври 2005 година, а втората е на 21 ноември 2005 година – и двете се правни сметки.

Државен профитер

Кога во јули 2006 година ќе истапи од функцијата вицепремиер во Владата, Минчо Јорданов ќе стане побогат за уште две фирми – и двете поранешни државни гиганти. Нема да поминат ни два месеца кога во август 2006 година Државната комисија за хартии од вредност ќе ја објави понудата на „Репро оне лимитед“ со која за речиси 600 000 евра Јорданов ќе го откупи мнозинскиот пакет обични акции. Годишно „Факом“ му носи по повеќе од пет милиони евра дивиденда на Јорданов.

Инфографикот не го вклучува неговиот подвижен имот како накит и автомобили, имот во странство и имот на семејството, како и имотот на фирмите во негова сопственост

Следната 2008 година „Репро оне лимитед“ ќе ја преземе поранешната најголема државна градежна фирма – АД „Бетон“. Удел во фирмата ќе има и украинскиот тајкун и политичар Сергеј Тарута, кој исто така е во одборот на директори на „Макстил“. 

По три години од преземањето, АД „Бетон“ ќе стане клучна во реализацијата на најскапиот државен проект – „Скопје 2014“. Преобразбата на главниот град во неокласичен стил ќе биде оценета за крик на национализмот, а ќе го проследуваат обвинувања за криминал, корупција и низок квалитет. Тој ќе учествува во изградбата најмалку третина од проектот кој надмина 700 милиони евра буџетски трошоци. Од овој проект „Бетон“ зеде тендери вредни повеќе од 200 милиони евра. Во последните десет години „Бетон“ се одржува во живот со државни тендери кои заедно надминуваат 300 милиони евра. 

Формирана во 1947 година, компанијата „Бетон“ е една од најстарите и најуспешни поранешни државни фирми што работеле профитно. Но, компанијата што реализираше клучни капитални проекти во поранешна Југославија и успешно работеше надвор од границите на федерација денес е речиси пред банкрот. 

По 15 години од преземањето, резултатите од менаџментот на семејството Јорданови се негативни. Минатиот месец „Бетон“ ја огласи на продажба управната зграда на компанијата во населбата Капиштец, веднаш до Министерството за економија. Истовремено, компанијата почна да позајмува пари за да може да ги покрие трошоците, а регистрира и загуби. Позајмиците во наредниот период ќе ги обезбедува болницата во сопственост на сопругата на Јорданов, Елица. 

Ако за услугите што ги правел за државните институции „Бетон“ ги наплаќал своите услуги, увидот во судскиот регистар на пресуди покажува дека во обратната ситуација фирмите на Јорданов на секаков начин се труделе да ги заобиколат плаќањата кон државните компании што ним им давале разни услуги. 

 „Компанијата ‘Макстил’ и понатаму ќе продолжи да ги користи услугите на ‘Македонски железници’ за превоз на нејзината стока. За една година ќе треба да се превезуваат 500 илјади тони стока, а по оваа основа ‘Македонски железници’ ќе инкасираат пет милиони евра“, ќе изјави Јорданов во 2004 година со цел да долови дека „Макстил“ е добра странска инвестиција која ќе соработува со државни компании и ќе учествува во кревањето на нивните приходи. 

Во судска пресуда, која датира од 2014 година, ќе се констатира дека вработени лица на високи раководни функции во „Македонски железници“ намерно не архивирале и не процесирале фактури на „Дуферко“ од Лугано за превоз на материјали. Целта била тие да застарат за да не можат да бидат наплатени. Износот на налозите е речиси половина милион евра. Обвинението се однесува само на вработените во „Македонски железници“, но истрагата не отишла подалеку за да утврди дали постои кривична одговорност и на страната на неплаќачот и не се барале нарачателите.

 „Обвинетиот примените налози со приложената документација ги задржал за да не се спроведе постапка, за да не се изготви фактура и наплата од ЈП ‘Македонски железници’ спрема ‘Дуферко’ СА, Лугано, па откако бил разрешен како директор и по престанокот на функцијата помошник-директор за економски работи на 26.3.2007 година, кога бил отворен орманот од поранешната канцеларија на обвинетиот, бил пронајден налогот од јануари 2006 година на износ од 365 102 евра со нецелосно приложена документација, по кое од овластено вработено лице била изготвена и доставена до „Дуферко“ СА, Лугано, на износ од 453 836 евра, а кое плаќање било одбиено од ‘Макстил’ поради што настанала значителна штета од 453 836 евра“, стои во пресудата на Кривичниот суд.

Судот ќе ги прогласи за виновни за злоупотреба на службената положба и овластувања, но јавноста нема да разбере ништо околу мотивите на службениците свесно да им заштедат пари на акционерите на „Макстил“ со криење на фактурите за наплата.

Закони и надзор во служба на мотивација на корупцијата

Се обративме и до Јавното обвинителство. Прашавме во колку случаи во последните три децении од независноста Обвинителството истражувало македонски граѓани кои спротивно на законот чувале пари на сметки во странство. Обвинителството одговори дека нема таква статистика.

„Доколку резидент отвора и има сметка во странство спротивно на условите од Законот за девизно работење, во Законот се предвидени прекршочни санкции. Девизна сметка во странство би била предмет на истражување на Обвинителството доколку е сторено одредено кривично дело. Во тој случај, поседувањето сметка во странство претставува околност што треба да се проверува со директен увид во секој предмет поединечно. Од тие причини, не сме во можност да ви обезбедиме статистички преглед на такви предмети“, одговорија од Обвинителството на прашањата на ИРЛ.

Според Народната банка, законите прецизно укажуваат во какви околности граѓаните смеат да отвораат сметки во странство. 

„Во однос на физичките лица, одлуката дозволува отворање и имање сметки во странство на лицата што работат во дипломатските, конзуларните и другите претставништва на Република Северна Македонија во странство, на лицата со постојано место на живеење во Република Северна Македонија и привремен престој во странство, на лицата што се стекнале со право на пензија (лична или од починат брачен другар), социјална помош, детски додаток, школарина на дете поради починат родител и премија/штета од осигурување на живот, како и заради остварување на правата и обврските што произлегуваат од недвижен имот“, одговорија од НБРМ.

Вработените во Државниот девизен инспекторат се жалат дека со години се запоставени и работат со само еден инспектор и еден помошник на инспекторот кој не смее сам да оди во контроли. Освен контроли на бензински пумпи и на осигурителните компании на гранични премини, кои продаваат осигурување за автомобили, тие речиси не вршат други контроли. На пример, барањата за проверки на сметките на странски фирми што пристигнуваат од Централниот регистар никој не ги проверува бидејќи немаат човечки ресурси. 

Во 2015 година се извршени 30 инспекциски надзори. Во 2016 година се извршени 23 инспекциски надзори. Во 2017 година се извршени 24 инспекциски надзори. 

Во 2018 година се извршени 17 инспекциски надзори. Во 2019 година се извршени 13 инспекциски надзори. Во 2020 година се извршени четири инспекциски надзори поради пандемијата на ковид-19 и малиот број инспектори што можат самостојно да вршат инспекциски надзор. Во 2021 година во Државниот девизен инспекторат е вработен само еден инспектор кој може да врши самостојно инспекциски надзор и поради тоа бројот на извршени инспекциски надзори е седум“, посочија од Државниот девизен инспекторат за тоа колку инспекциски надзори направиле. 

Податоците што ги сподели Управата за јавни приходи покажуваат дека освен Антикорупциската комисија ниедна институција не се занимава со проверка на имотот на јавните функционери, додека самите тие поради недостиг на ресурси вршат минимален број проверки кај физичките лица. 

На прашање на ИРЛ, УЈП одговори дека Финансиската полиција, Управа за финансиско разузнавање и други финансиски институции и државни органи во изминатите 15 години ниту еднаш не побарале од Управата за јавни приходи да провери и да испита имот на избран и именуван функционер.

  „Од 2003 до 2018 година Антикорупциската комисија поднела 331 барање за проверка на имот и имотна состојба на избрани и именувани функционери до УЈП. Од сите контроли на Управата за јавни приходи за испитување на имотната состојба на избраните и именуваните функционери, четири во последните 15 години завршиле со кривична пријава“, одговорија од УЈП. 

Документарен филм:

Документи: