Press "Enter" to skip to content

Кратка приказна за (не)правдата: Наивните бизнисмени и рекетот

10.10.2019

Едниот е почесен конзул на Србија во земјава, другиот чека одобрение да стане на Бугарија. Првиот царува во градежниот бизнис, вториот е кралот на офшорите. И двајцата беа функционери на СДСМ, а потоа миленици на Никола Груевски. И двајцата беа осомничени во финансиски афери, но никогаш не поминаа ни ден во затвор. И сега се повторно заедно како дел од најголемата политичка афера „Рекет“. Но, од контроверзни ликови двоецот Силјан Мицевски и Јордан Камчев добија улога на чесни и наивни бизнисмени кои „наседнале“ на интригите на Боки 13. Мицевски бил измамен и дал пари за непостоечки проект, Камчев е жртва на уцени и изнуда. 

КАКО БОКИ ГО НАДИТРИ ЦИЛЕ

Почесниот конзул на Србија во земјава, бизнисмен од „тешкашите“, политички „лицемер“ и поранешен градоначалник на Битола, доби уште една улога – жртва на Боки 13. Силјан Мицевски во најновата истрага на Вилма Рускоска е измамен бизнисмен. Бојан Јовановски „го довел и одржувал во заблуда“ бизнисменот Силјан Мицевски и успеал да му земе 720.000 евра. Вака Јавното обвинителство за организиран криминал образложи како сопственикот на градежната фирма „Пелистер“ од Битола станал жртва во аферата со невладината организација „Меѓународен сојуз“. Според обвинителката Вилма Русковска првосомничениот Боки 13 како претседател на невладината успеал да го надитри Силјан Мицевски и да му извлече огромна сума на пари само врз основа на проект за изградба на пензионерски дом во Битола. Втората жртва на Јовановски, според обвинителството, е  бизнисменот Ардијан Амзоски, сопственик на фирмата „Дрим билдинг“.

„Врз основа на предистражната постапка обвинителот што раководи со постапката, дојде до сознанија што укажуваат дека во периодот од јули 2017 година до април 2018 година, првоосомничениот како претседател на осомниченото правно лице, искористувајќи документи од правното лице, довел и одржувал во заблуда двајца управители на две друштва за градежништво. Тој, лажно прикажувајќи дека ќе обезбеди државно неизградено земјиште за изградба на центар за возрасни лица и мобилен сервис, а потоа и субвенционирање од страна на државата, од оштетените преку авторска агенција успеал да добие парични средства од 719.905 евра од едното правно лице и 233.821 евра од другото“, соопшти Рускоска.

Силјан Мицевски пред еден месец даваше исказ во Обвинителството за организиран криминал, како сведок во истражната постапка на Вилма Рускоска за невладината организација „Меѓународен сојуз“ на Бојан Јовановски. Мицевски на сметката на пензионерката Лилјана Тодоровска, координатор на проектот за изградба на пензионерскиот дом, префрлил 720.000 евра. Сопственикот на „Пелистер“ тврдеше дека парите не му биле изнудени, туку му се допаднала идејата за бизнис на осомничениот Бојан Јовановски. Тој најави дека ќе си ги барите назад.

МИЛЕНИК НА СЕКОЈА ВЛАСТ

Кога во 1995 година Силјан Мицевски ја трансформира градежната фирма „Пелистер“ од државна во приватна сопственост на власт е СДСМ на чело со Бранко Црвенковски. „Пелистер“ тогаш има 1300 вработени и приход од 25 милиони германски марки. Богатиот бизнисмен кој сите во Битола го знаат како Циле веќе наредната година на локалните избори е кандидат за градоначалник од СДСМ и ја добива довербата да го води градот до 2000 година. Во 1997 година се случува дотогаш најтешката афера „ТАТ“, во која Силјан Мицевски и неговата сопруга се двајца од седумтемина обвинети и поминаа 21 ден во притвор. Сепак, Циле од овој финансиски скандал излезе со „чисти раце“ и судот го прогласи за невин, а доби и надомест на штета од државата во износ од 400.000 евра.

Мицевски повеќе никогаш не влезе директно во политика, но умешно кокетира со секоја партија што е на власт. Сдсмовскиот градоначалник за време на владеењето на Никола Груевски станува еден од најплатените бизнисмени. Од 2010 до 2014 година неговата компанија „Пелистер“ со А.Д. ЕЛЕМ склучи 4 договори во износ од околу 110 милиони евра и беше на првото место според вредноста на тендерите. За тендерско – политичката врска меѓу Мицевски и ВМРО-ДПМНЕ се дозна дури кога СДСМ ги објави „бомбите“, а во една од нив беше Циле во разговор со тогашниот директор на ЕЛЕМ – Влатко Чинговски. Чинговски од Мицевски бара да се направи список на вработените во „Пелистер“ кои не сакале да гласаат за ВМРО-ДПМНЕ, а Мицевски вели дека тие што се непослушни ќе добијат отказ од работа.

Овој разговор пред четири години го објави тогашниот претседателот на Општинскиот комитет на СДСМ во Битола, Васко Ковачевски. Истиот тој Ковачевски, но сега како директор на РЕК Битола, во мај годинава со Силјан Мицевски потпиша договор во име на ЕЛЕМ во вредност од 12,6 милиони евра. Ковачевски за година и пол колку што беше директор на РЕК Битола со „Пелистер“ склучи неколку договори во вредност над 22 милиони евра.

Јордан Камчев, пак, засега останува осомничен во случајот „Империја“, но истовремено е и сведок – жртва во случајот „Рекет“.

Поврзани стории

Нова истрага за Бојан Јовановски, вмешан и функционер

СЈО обелодени детали од истрагата: „Империјата“ на Камчев и Мијалков изградена од офшор фирми, испрани милиони евра

Пратеничкиот имунитет не ја штити Ременски од кривична одговорност