Press "Enter" to skip to content

Кирацовски: Не сум влијаел за вработувања, грешка е

Генералниот секретар на СДСМ, Александар Кирацовски не чувствува никаква одговорност затоа што Антикорупциската комисија откри дека при вработување во државни институции на тројца негови блиски роднини било извршено влијание – сестрата, бабата и дедото.

На прашањето дали планира да понесе одговорност, тој ги негира овие наоди и вели дека информацијата е погрешна.

Немало никакво влијание, не знам кој дал таква информација, но погрешна е“, кусо ни одговори Кирацовски преку смс порака.

Членовите на Комисијата, денеска на седница утврдија дека во 6 од 18 случаи во кои беа вработени блиски роднини на пратеници или функционери на власта, критериумите во огласите биле местени за да одговараат токму за кандидатот кој што требало да биде вработен.

Од шесте случаи во кои било откриено дека постоело влијание при вработувањата на кандидатите, три се за роднините Кирацовски. Антикорупциската комисија откри дека влијание било извршено при вработувањата на сестрата, бабата и дедото на Кирацовски.

Но Кирацовски за ова не чувствува одговорност. На прашње на ИРЛ, дали планира да понесе одговорност за наодите утврдени од Комисијата, тој одговори дека информацијата е погрешна.

Сестрата на Кирацовски, Мирјана Јосифовска кратко пред да биде вработена во Централниот регистар, институцијата го зголемила бројот на советници за дистрибуција на информатички податоци од два на три, притоа наведувајќи во огласот дека услов за вработување е лицата да се со завршен Факултет по географија. Останатите пријавени кандидати биле дисквалификувани поради несоодветно образование.

Бабата на Кирацовски била вработена како технички секретар во училиштето „Мирка Гинова“ на работно место кое било креирано пред објавување на огласот, додека пак дедото на Кирацовски наместо преку оглас, бил вработен во РЕК Битола преку Агенција за привремени вработувања.

За овие случаи, Антикорупциската комисија ќе бара одговорност од директорката на Централен регистар, како и од директорот на РЕК Битола.