Press "Enter" to skip to content

Мистериозни анкети во функција на партиски информациски војни

Изборната кампања започнува следната среда, но партиите почнуваат безмилосна трка. Денеска граѓаните беа бомбардирани со испитувања на јавното мислење. ИРЛ открива дека ВМРО-ДПМНЕ крие дека е нарачател на една таква анкета и не ја споделува целата. Постојат сомнежи и за веродостојноста на оваа анкета. Другата анкета, која оди во прилог на СДСМ е протечена во медиумите, иако ја правела меѓународна организација која што се уште ги нема објавено наодите. Медиумите кои ги објавиле овие анкети, го кршат Изборниот законик и можат да добијат казни од неколку илјади евра за криење на нарачателите и авторите на анкетата.

Репортери: Маја Јовановска, Давид Илиески, Сашка Цветковска

Ако денеска вашите вести решите да ги конзумирате читајќи го порталот „Курир“ или „Лидер“ , ќе прочитате дека ако изборите се одржат утре, ВМРО-ДПМНЕ ќе победи со предност од 2,5 проценти пред СДСМ и Беса. Ако се одлучите за  порталот „Локално“ или „Независен“ прогнозата е сосема поинаква, СДСМ води пред ВМРО-ДПМНЕ со 4 проценти, а ДУИ губи.

Александар Даштевски и Сотир Костов ја прават анкетата со позитивни прогнози за ВМРО ДПМНЕ

Институтот „Habeas Corpus“ не и познат на јавноста. Или, барем така беше до 20 мај годинава кога десно ориентираните портали објавија истражување на јавносто мислење чии што резултати ги отсликуваат идентичните наслови во медиумите.

„Народот не сака корона-избори: 74% од испитаниците на „Habeas Corpus” се против идејата на Заев“. На сите портали беше објавен истиот текст во кој се објаснува методологијата на истражувањето.

„Институтот „Habeas Corpus” кој е дел од истоимената граѓанска асоцијација, разработува прашања од правниот и политички систем и направи анкета на јавното мислење врз стратификуван примерок од 1203 испитаници во периодот од 13 мај до 16 мај 2020 година.“, објавија десетина интернет портали.

Утринска анкетна офанзива во интерес на ВМРО-ДПМНЕ

Часот е 11:26. Втората анкета на овој институт ја пренесува порталот „Курир” , по што следат преземања и од останатите медуми кои делат идентична конзервативна и десно ориентирана уредувачка политика со отворена поддршка кон опозицијата. Република, Нетпрес, Лидер, Пресинг, Денешен, а ги пренесува и националната телевизија Алфа. Ниту еден од овие медиуми не ја објави целата анкета, туку само фотографии од сублимираните резултати.

Тврдат дека истата е направена на примерок од 1.159 испитаници во периодот од 8 јуни до 11 јуни 2020 година, а главната вест е дека „ВМРО-ДПМНЕ е во водство пред коалицијата на СДСМ и БЕСА“.  Во албанскиот блок предност има ДУИ. Уште еден клучен наод од анкетата кој е ударна вест во овие портали е дека „Владата не се справува добро со корона кризата“.

Репортерите на ИРЛ уште по објавата беа љубопитни да ја прочитаат целата анкета. Според Изборниот законик, членот 77 им налага на медиумите да објават цели истражувања на јавни мислења, да ја споделат методологијата и да го објават нарачателот. Ако овој член се прекрши, главниот уредник на медиумот ќе добие парична казна од 1,500 до 3,000 евра.

Почнавме со интернет претрага.  Институтот „Habeas Corpus“ кој според пишаното во медиумите ја изработил анкетата која прогнозираше победа на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ нема своја веб страна. Немаат ниту профили на социјалните мрежи или присутност на интернет со минатиот труд на нивната организација.

Следниот логичен чекор беше да се прегледа Централниот регистар. Институтот е формиран во 2015 година од пет луѓе, а управител е добро познатиот Александар Даштевски. Фирмата е регистрирана во неговиот стан на улицата 50-та Дивизија во Скопје.

Сотир Костов: Анкетата ја нарача ВМРО ДПМНЕ

Даштевски беше збунет кога во телефонски разговор му ја побаравме целата анкета, бидејќи во медиумите денеска се објавуваат само делови. Не одговори кој е нарачател на анкетата. Кога го прашавме зошто е толку таинствен Институтот и тешко се наоѓа било каков контакт, тој рече: „Па, ете регистриран е во Централниот регистар“.

“Доцна е сега, речиси четири попладне, утре ќе ви испратам целосни резултати”, одговори Даштевски кога го замоливме да ни го испрати целото истражување.

По еден час Даштевски повторно се јави. Се сетил дека анкетата ја правело здружението на Сотир Костов „СИА ВИСТА“, а само била објавена под името на „Habeas Corpus“.

„Невладината на Сотир Костов е во фаза на згаснување и ќе се споиме во една организација, односно ќе бидеме заедно во мојот институт.“, ни изјави Даштевски.

Сотир Костов, кој во јавноста е познат како аналитичар и експерт за повеќе области, рече дека во текот на утрешниот ден ќе ни ја достави целата анкета. Тој рече дека анкетата ја правеле политиколози и анкетари кои биле ангажирани од неговата невладина, а била објавена како анкета на „Habeas Corpus“, поради спојувањето со Даштевски кое што наскоро ќе се случело. Костов откри кој бил нарачателот на анкетата.

„Анкетата ја нарача ВМРО-ДПМНЕ. Не е точно дека нема нарачател, не знам јас зошто тие така објавиле“.

Даштевски вчера беше гостин во дебатна емисија на Телма ТВ, но во ниту еден момент не ги спомна резултатите од анкетата, а беше повикан да разговара на тема – Избори во време на Корона.

Попладневна дефанзива во интерес на СДСМ

Часот е 17:00. Сторијата на којашто работиме е речиси подготвена да се објави. Имаме се што е потребно, скриени намери, обиди за манипулација со граѓаните во кампања, откриени се и нарачателите и извршителите. Се натегаме околу насловот, кога колегите ни довикнуваат: „Има и друга анкета, еве пред малку ја објавиле“. Порталот е „Локално“, а го поседува сопругот на советничката во премиерскиот кабинет Иванна Хаџиевска, Владимир Кошевалиски. Но, тие цитираат друг медиум – порталот „Независен“. Овде не можеше да се прочита ниту нарачателот на анкетата, ниту оној којшто ја изработил.

Истиот текст го преземаат и други медиуми, „Ипортал“, „Фронтлајн“, „24инфо“ и други кои важат за блиски до СДСМ.

Нашата сторија добива сосема друга димензија. Не можеме да објавиме ни ова попладне,  потребно е да провериме чија е новата анкета и како стасува до неколку медиуми, исто како и претходната. Логиката упатува на тоа дека другиот табор сака да го ублажи ударот или да зададе свој.

Се јавивме кај главниот и одговорен уредник и еден од сопственици на „Независен“, Љупчо Поповски. Побаравме појаснување за текстот објавен со наслов „Анкета: СДСМ води пред ВМРО ДПМНЕ со четири процентни поени“ кој што не открива ништо повеќе од тоа дека одредена анкета правена на крајот на мај покажала дека СДСМ е во водство.

“Дознав од свој извор. Анкетата ја има правено меѓународна организација и јас дојдов до резултатите и ја објавив”, рече Поповски. На прашањето дали смета дека е професионално да се објавуваат вакви информации кои можат да влијаат на јавното мислење без да се изложат оние кои ги нарачале и направиле, Поповски ја бранеше својата одлука велејќи дека анкетата е веродостојна според неговите сознанија.

Споредба на наслови на дел од медиумите кои ги пренесоа анкетите / Фотографии од агрегаторот на вести time.mk

Мистериозниот пат на анкетите до медиумите

И двете анкети се појавуваат во ист ден. Но, она што е карактеристично е што и двете стигнуваат само до мал круг на медиуми. Главниот уредник на телевизијата 24, Младен Чадиковски, вели дека на нивната адреса не стасале ниту една анкета во текот на денешниот ден. Но, и да стасала, вакви анкети не би објавиле.

„Релевантноста на анкета која што не ги содржи нарачателите и оние кои ја спровеле е спорна. Настрана што и законите не обврзуваат“, вели тој.

По разговорот со ИРЛ, на страницата на „Независен“ настана промена во текстот и се назначи дека објавените наоди се од анкета правена од меѓународна организација. Од порталот „Курир“ каде што главен уредник е Љупчо Цветановски, велат дека анкетата до нив стасала од службениот емаил на Институтот.

„Немаше нарачател, само кој ја правел и по кој метод и број на испитаници“, одговори Цветановски.

На партиските веб страници не можете да ги видите овие анкети. ИРЛ испрати прашања до двете партии, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ дали се нарачатели на анкетите. До објавување на овој текст, ВМРО ДПМНЕ не одговорија на нашите повици и пораки. Сакавме да ги соочиме со изјавите на Костов дека тие се вистинските нарачатели, иако не се откриле. Костадин Костадинов од СДСМ, пак, од прва рече дека анкетата е од ИФЕС, но кога нашиот репортер праша од каде знае тој, Костадинов спушти и вети дека ќе се прејави.

Претседателката на Советот за етика во медумите, Катерина Синадиновска, вели дека одговорноста овде е и на партиите и на медиумите да обезбедат амбиент во којшто граѓаните нема да бидат жртви на информациски војни.

„За жал и во време на пандемијата и во време на предизборие, најголем дел од прекршувања се однесуваат на член 1 којшто забранува ширење неточни или непроверени информации  Ако медиумите не објавуваат точни и проверени информации, како да очекуваме од граѓанин кој не е информиран да донесе разумна свесна и промислена одлука на денот на гласање. Медиумте се должни да ги наведат своите извори, а отстапките се однесуваат на многу сензитивни аспекти. Апелираме до медиумите да ги прецизираат своите извори и да не се ставаат во улога на ниту еден политички центар на моќ, а до граѓаните да внимаваат во конзумацијата на вести“, изјави Синадиновска.

Повеќе од Насловна централнаПовеќе теми во Насловна централна »
Повеќе од СторииПовеќе теми во Стории »