Press "Enter" to skip to content

Енвер Малиќи преку извршител наплати 2,2 милиони евра на име камати од државниот буџет

Енвер Малиќи не е обичен бизнисмен. Тој е и политичар. Член е на Советот на Град Скопје и заменик градоначалник. Поседува хотели, гради станови, продава алкохол и цигари. Мажот на годината и почесниот конзул на Мексико неодамна наплати 2,2 милиони евра камати од државата затоа што бил оштетен, па наместо три ќе можел да гради само еден хотел под Калето. Си ги врати парите од буџетот, а не и’ ги прости каматите кои се далеку повеќе од неговата првична инвестиција.

Заменикот градоначалник на Скопје Енвер Малиќи преку извршител од државата наплати 2.273.000 евра на име камати, потврдија за ИРЛ од Министерството за транспорт и врски. Освен парите од каматите на Малиќи од буџетот му се вратени и 1.254.000 евра за парцели кои беа предмет на судскиот спор. Станува збор за градежно земјиште на кејот на Вардар, во близина на скопското Кале, каде требаше да се градат хотелски комплекси и деловни објекти. Пари од државата чека и пратеникот на ДУИ Ејуп Аљими, кој заедно со Малиќи ја тужеше државата и бара раскинување на договорите за купопродажба.

 

Судскиот процес почна да се води уште во 2007 година кога државата ги тужеше сопствениците, бидејќи ги пробија сите рокови за градба. Но, во 2015 година се сменија улогите и тужба поднесоа газдите на земјиштето, Малиќи и Аљими, и бараа државата да им ги врати парите во вкупна вредност од 2.167.000 евра. Односно за двете парцели на заменик градоначалникот Малиќи 1.254.000 евра и за едната парцела на пратеникот Аљими 913.000 евра.

Како што објави ИРЛ, Малиќи земјиштето го купи непосредно пред изборите во 2006 година, кога министер за транспорт и врски беше Џемали Мехази од ДУИ. Едната локација ја купи по цена од 3.750 денари за метар квадратен, а другата за 10.050 денари за квадрат. Неговиот план беше да гради три хотели, трговски центри и угостителски објект.

Со доаѓањето на власт на коалицијата ВМРО-ДПМНЕ – ДПА во 2006 година Јавниот правобранител побара Министерството за транспорт да ги раскине договорите со Малиќи и Аљими, бидејќи се склучени спротивно на Законот за спречување на корупција, односно во текот на изборната кампања и осум денови пред изборите на 5 јули. Додека судскиот процес беше во тек, во 2008 година на власт повторно се врати ДУИ. Во јануари 2013 во суд победа издвојува двоецот Малиќи и Аљими и тие се запишуваат како сопственици на земјиштето.

Во меѓувреме бизнисменот Енвер Малиќи, уште пред да ја добие тужбата, станува еден од сопствениците на комплексот „Парк резиденс“ кој се наоѓа спроти спорните парцели од другата страна на Вардар. Тоа е објектот познат како Кинески ѕид веднаш зад Градскиот стадион. За време на министерувањето на Јанакиески, ова здание кое требаше да се урива, беше легализирано и во 2014 година почнаа да се продаваат првите станови и деловни простории.

Во 2015 година Малиќи и Аљими одлучуваат тие да ја тужат државата за да ги раскинат договорите за купопродажба и да им се вратат парите. На овој потег се решаваат бидејќи се сменил ДУП-от за овој реон и наместо три хотели, можеле да градат само еден хотел.

Судскиот спор го доби Малиќи, кој за вложените 1.254.000 евра, си врати 3,5 милиони евра. При крај е судската постапка и за пратеникот Аљими.

Според актуелниот ДУП на општина Центар покрај реката Вардар под Кале предвидено е изградба на неколку хотелски комплекси. Сите локации беа продадени од 2006 до 2014 година.

Парцели купија и фирмата „Амадеус груп“ и поранешниот директор на Слободните економски зони и на дирекцијата за нафта Марјан Јованов. Тие сега се под истрага на Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал во случајот познат во јавноста како „Шпански скали“. Во време кога Јованов беше функционер во владата на Никола Груевски постојано беше мета на напади од опозициската СДСМ дека парцелите ги купил по багателна цена.

Медиумите пред неколку години објавија дека хотел во барок стил под Кале ќе гради и лидерот на ВМРО-Народна партија Љупчо Георгиевски, кого го поврзаа со фирмата ХМ Инвест Груп.

Но, истрага има само за парцелите на „Амадеус груп“ и на Марјан Јованов кој беше во притвор три месеци. Обвинителството за организиран криминал отвори постапка против единаесет поранешни и сегашни вработени во државни институции, меѓу кои и поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески. Тие се осомничени дека од 2010 до средината на 2018 потпишале четири штетни Договори за отуѓување на државно градежно земјиште со што ја оштетиле државата за два милиони евра.

Една од ретките фотографии додека Малиќи е во улога на заменик градоначалник на Скопје

Бизнисмен, конзул и политичар

Еннвер Малиќи на локалните избори во 2017 година беше избран за советник во Град Скопје од редовите на ДУИ. Градоначалникот Петре Шилегов потоа го назначи за свој заменик. Но, Малиќи многу почесто во јавноста може да се види како сопственик на фирмата „Гемак трејд“, отколку како градски функционер. Тој летово отвори уште еден хотел во градскиот парк „Next Door Park Hotel“, а пред неколку дена беше именуван за почесен конзул на Мексико во земјава. Досега има дадено едно интервју за весникот „Независен“, а пред неколку дена проговори и за интернет порталот marili.com.mk. ИРЛ уште во петокот побара одговори од него за судскиот процес против државата, но досега тој не ни одговори.

Вели дека добил шанса да влезе во политиката и ја искористил со цел да направи нешто добро за својот роден град.

„Скопје е град со приближно еден милион жители и работејќи на оваа позиција ќе се обидам да придонесам за негово модернизирање, во иднина овој град го гледам како чист и силен. Сакам реката покрај која растев да биде чиста, воздухот да го исчистиме, градот да го зазелениме, да го направиме Скопје пристојно место за живеење. Верувам дека со искуството и со контактите што ги имам можам да придонесам во реализацијата на овие идеи и визии“, вели Малиќи.

Неодамна доби уште една неформална титула и беше избран за Маж со трајни вредности и Маж со стил во 2019 година. Бизнисменот во животот се води од девизата „Никогаш не откажувај се“.

„Но иако ментално размислувам како Германец, сепак, од нив се разликувам во една работа.Германците живеат за да работат, а јас работам за да живеам“, изјави Малиќи во интервјуто за Марили.

 

Повеќе од Насловна централнаПовеќе теми во Насловна централна »