Press "Enter" to skip to content

Државни пари за изборни информациски војни

Ова се вторите по ред избори кои се одржуваат согласно променетите правила: Кампањите на партиите ги плаќаат граѓаните од буџетот. Телевизиите Сител и Канал 5 ќе земат најголем дел од парите. Но, вистинскиот хаос е во сферата на онлајн медиумите. ИРЛ открива дека партиите бираат да трошат во своите табори, се даваат пари на портали блиски до партиските раководства и нивните европски сојузници, се финансираат клик баит медиуми, а некогашните лица на пропагандата како Драган Павловиќ Латас повторно вртат десетици илјади евра во трите недели колку што трае кампањата.

Пишуваат: Маја Јовановска и Сашка Цветковска
Илустрации: Лука Блажев
Дополнително известување: Лила Караташева и Дајана Лазаревска

Партиите си скусија од годишното финансирање од буџетот од околу 4 на 1 милион евра. За ова кратење се договорија во предизборието. Во медиумите се создаде врева откако почнаа обвинувањата дека некои партии не биле солидарни и не сакале да се откажат од парите среде пандемија. Сепак на крајот со уредба на владата, парите се намалија, но не се откажаа од сите средства. Партиите добиват пари од државната каса по три основи: За годишното финансирање на редовните партиски активности, за нивните аналитичко-истражувачки центри и за изборните кампањи. Со исклучок на малите независни редакции како “Призма”, речиси никој не известуваше за трошоците за време на КОВИД изборите. Најголем дел или повеќе од 80 проценти од парите за изборите односно околу 3 милиони евра се платија за партиското рекламирање. 

За да разберете како и зошто граѓаните ги финансираат партиско медиумските непринципиелни коалиции погледнето го видеото:

Пари за пријатели и непрофесионалци, фактура за народот

Порталот Бриф и годинава, исто како и минатата, влезе во регистерот на ДИК за платена изборна политичка пропаганда. Според доставените фактури од претседателските избори, кај нив се рекламирала единствено кампањата на СДСМ и коалицијата со кандидатот Стево Пендаровски.  Издавач на овој портал е фирмата Бабински ДООЕЛ, во сопственост на синот на поранешната советничка на екс премиерот Зоран Заев, Ленче Николовска. Таа беше и висок партиски функционер којшто ја водеше Комисијата за земјоделство во СДСМ. Пред формално да влезе во политиката, таа работеше како новинар. Во 2008 година ја водеше политичката кампања на сопственикот на А1 телевизија Велија Рамковски, а од колегите беше критикувана и дека ја користи телевизијата за промоција на гледиштата на одредени политички центри на моќ. Во 2011 година формално влезе во политиката, но Бриф продолжи да функционира со нејзиниот син. За 20 дена лани зеле 137 илјади денари од кампањата на СДСМ. 

Веб сајтот Јавно.мк е претежно познат во круговите на новинарите иритирани од нелојалната конкуренција и злоупотребата на медиумскиот простор за приватни и партиски војни наместо за јавниот интерес.  Компанијата издавач е Њу Медиа Адвертајзинг, а сопственик е Даниел Јакимовски, истакнат партиски член на ВМРО ДПМНЕ од Крива Паланка и брат на Емил Јакимовски, висок партиски фунцкионер кој неодамна беше приведен и се гони кривично за онлајн вонземирување и закани кон новинарките Мери Јордановска и Искра Коровешовска. Во високите политички кругови, Емил Јакимовси се сметаше за еден од важните луѓе кои ги спроведуваа партиските дигитални стратегии на ВМРО ДПМНЕ. Минатата година тие зела 182.134 илјади денари за реклами на Гордана Силјаноска. Ако се спореди нивната годишна финансиска сметка доставена во УЈП, излегува дека нивен единствен приход била фактурата испратена во ДИК за договор за рекламирање со ВМРО ДПМНЕ. И годинава фирмата Њу медиа Авертајзинг се пријавила и влегла во регистарот на ДИК.  

Мицкоски чести, граѓаните плаќаат: 20,000 евра за клик баит медиуми без професионални редакции

Ненад Фидановски, пак, е анонимен дури и за најревносните истражувачи на онлајн медиумите. Тој е сопственик на фирмата Глобалнет. Годинава зел 20,000 евра за кампања од ВМРО ДПМНЕ.  Минатата година од истата партија добил 11.800 евра. Во фактурите како свои медиуми ги има наброено следниве: Индиго.мк, Среќа.мк, Виситскопје.мк, Екран.мк, Лејди.мк, Градина.мк и Бизнисвести.мк. Овие медиуми спаѓаат во таканаречените клик баит медиуми и не произведуваат оригинална содржина, односно немаат вистински редакции и новинари. 

Нови 12 илјади евра за Вечер на Драган Павловиќ – Латас 

На Драган Павловиќ Латас многумина му предвидоа лош крај по падот на Никола Груевски. Контроверзниот новинар и долгогодишен уредник на телевизијата Сител беше дел од сите валкани кампањи на минатата власт, управувајќи со најгледаната телевизија Сител која собираше и најмногу пари од владини реклами.  Неговата компанија Макс Медиа оваа година фактурирала речиси 12.000 евра за реклами на ВМРО ДПМНЕ за порталот “Вечер”. 

Пари за непостоечки информативни портали

Трипле и Лаб ДОО не се познати медиумски издавачи во земјава. И тие годинава се пријавиле во регистерот на ДИК. Фактура уште не доставиле, но минатата година зеле 1.200 евра. Со името на оваа компанија се сретнавме разгледувајќи го извештаите од кампањите на ВМРО ДПМНЕ, кои  се издавачи на сајтот  www.iii.mk. Во 2019 година на претседателските избори биле финансирани од кампањата на Силјановска и ВМРО ДПМНЕ, а оваа година се пријавени во ДИК за користење на државни средства од маркетинг услуги. Трипле и Лаб ДОО односно ИИИ.мк воопошто не е комерцијален веб сајт туку страница на фирма која што нуди одредени дизајнерски или софтверски услуги, а не е баш ни јасно кои се тие услуги. 

Реклами на СДСМ во телевизијата на Боки 13 

За медиумската кампања за Стево Пендаровски СДСМ потрошила 37.000 евра во 1 ТВ. Во тој период се уште не се наѕираше дека телевизијата чиј неформален сопственик беше шоуменот Бојан Јовановски ќе биде згасната. По неколку месеци Јовановски заврши во притвор заедно со поранешната специјална обвинителка Катица Јанева, кои сега се осудени на затворски казни во случајот „Рекет“. 

56.000 евра од СДСМ и ДУИ за весници

ДУИ и Блеким Река се рекламирале само во еден весник и тоа на албански јазик и таму само за три недели кампања се исплатени 30.000 евра. 24.000 евра во весникот и 6.000 евра за реклами на онлајн изданието на весникот. Сопственик на Коха е новинарот Лирим Дулови. 

СДСМ се огласувале во четири весници за што потрошиче вкупно 22.200 евра. Најмногу добил Фокус и тоа по два основа. 7.500 евра за печатеното издание и 4.000 евра за онлајн верзијата на Фокус. И за Пендаровски имало реклами во весникот на албански јазик Коха во вредност од 5.200 евра. А, пари добил и Вечер 5.200 евра, како и сега згаснатиот Независен весник кој од кампањата инкасирал 4.200 евра. 

Онлајн медиумите на Унгарците најмрсно фактурирани

Врз основа да доставените извештаи за медиумско рекламирање, ИРЛ направи топ листа на медиуми каде трите политички партии СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ кои имаа свои кандидати за претседател потрошиле најмногу пари за реклама. Од исплатените околу 3.7 милиони евра над 80 отсто или над 3 милиони се потрошени на рекламирање во петте национални телевизии, четирите кабелски национални како и во најголемите регионални и локални телевизии. Помалку од еден милион поделиле радијата, печатените медиуми и порталите.

Петте национални телевизии вкупно добиле околу 2 милиони евра. Од таа сума најмногу добила ТВ „Сител“ со околу 564 илјади евра, „Канал 5“ и „Алсат-М“ добиле по околу 400 илјади евра, „Телма“ околу 250 илјади, а најмалку има „Алфа“ со околу 150 илјади евра.

ВМРО-ДПМНЕ за телевизиско претставување на Силјаноска најмногу пари дала во Сител телевизија 312.000 евра, потоа во Канал пет 184.000 евра, следува АЛФА ТВ со 130.000 евра, па ТВ 24 со 99 илјади евра, а најмалку пари од кампањата на Силјаноска  добила Телма или 96 илјади евра.

ВМРО-ДППМНЕ ја рекламирало Силјаноска и на повеќе радија. Најмногу на Сити радио кое добило 28.000 евра, потоа Фортуна со 13.000 евра, Клуб ФМ од буџетот зело 9.700 евра, Метрополис 9.400 евра и Скај радио 8.300 евра.

Од порталите најмногу пари земала фирмата ЕМ-МЕДИА  издавач на Курир, Денешен, Лидер, Вистина односно 31.000 евра. Потоа следува Макс медиа на Драган Павловиќ Латас кој е сопственик на три интернет портали Вечер.мк, Весник.ком и Вести.мк и добил 17.500 евра. Толку пари добила и Прва република издавач на порталот Република. Мк. Потоа Некст левел солушн фирма која стои зад сајтот Макпрес.мк добила 15.000 евра и ЦИА ДООЕЛ или сајтот Инфомакс кој од државниот буџет зел 14.500 евра.  

Сител телевизија е на врвот на листата и на СДСМ. Таму лани за кампањата на Пендаровски се слеале 243.000 евра, потоа во Канал 5 188.000 евра, скоро исто и во Алсат 187.000 евра. Во Телма влегле 132.000 евра и во ТВ 24 78.000 евра.

СДСМ потрошил помалку пари од ВМРО-ДПМНЕ за кампања на радијата. Најмногу во Канал 77 или 6.200 евра. Пари зеле и Метрополис, Антена Радио Ват и Супер радио од Охрид. 

Во онлајн медиумите реклами за Пендаровски најмногу добила Клип медиа 5.100 евра (издавач на Макфакс, Репортер, Грид). На второ место е фирмата Актуеле со 4.500 евра. Потоа Спорт инфо медија 4.150, Флака инфо 4.100 евра и Медиа плус со 4.000 евра.

Кандидатот на ДУИ Блерим Река најмногу се рекламирал на Алсат ТВ каде од буџетот се исплатени 178.000 евра, потоа ТВ 21 каде влегле 153.000 евра, во Клан ТВ 116.000 евра, ТВ Коха 50.000 евра и во Канал 5 37.000 евра. Од онлајн медиумите најмногу добила фирмата Некст левел солушн (Макпрес.мк) 14.500 евра, потоа МЕДИА РС од Куманово 8.300 евра. 

Непринципиелни коалиции

Здружението на новинарите на Македонија и Советот за етика во медиумите минатата година формираа регистар на професионални онлајн медиуми со цел медиумскиот интернет простор преку саморегулација да и’ помогне на јавноста да ги разликува професионалните медиуми од оние кои шират пропаганда и лажни вести. 

„За бизнисмените ќе значи заштита од уценувачите и непрофесионалните медиуми. За граѓаните, за публиката, многу полесно да ги препознаат оние што шират стандарди наспроти пропаганда и лажни вести, да знаат кому можат да му веруваат, а чии информации ќе ги примат со резерва. Најпосле за политичарите – еве шанса да покажете дека си ја сакате земјата со новинарски стандарди кои новинарот го прават седма сила во општеството – а не приврзоци на некоја политичка партија,“ рече претседателот на ЗНМ Младен Чадиковски кога беше формирана Промедиа.

Постојат критериуми кои онлајн медиумите мора да ги исполнат со цел да влезат во регистарот на СЕММ. Порталите мора да имаат веродостоен импресум, да гo почитуваат Кодексот на новинарите, Повелбата за етичко известување за избори и Статутот на СЕММ, редовно да објавуваат информативни содржини од јавен интерес. Потоа овие медиуми мора да имаат регистрирано правно лице во земјава и да имаат транспарентна сопственост. За влез во Промедиа одлучува Управниот одбор на Советот за етика. Овие критериуми досега ги исполниле 134 интернет портали. Регистарот доби поддршка од бизнис заедницата и само куртоазно поздравување од политичарите. Досегашната влада не стори ништо професионалниот регистар на онлајн медиуми да биде вметнат во одредени законски решенија кои директно задираат во новинарската професија. 

Напротив, сивата зона на медиумскиот интернет простор најдобро се отсликува во Изборниот законик каде не постојат критериуми кој е професионален медиум. Не постои филтер низ кој треба да поминат интернет порталите кои сакаат да бидат дел од регистарот на Државната изборна комисија. Единствен критериум е медиумот кој што аплицира за државни пари за избори да има импресум и во ДИК да поднесе тековна состојба за фирмата од Централниот регистар. Нема никаков друг филтер низ кој минуваат на проверка пријавените медиуми. Па така, во регистарот на ДИК на овие избори беа пријавени вкупно 350 медиуми. 

„Дури и оној критериум дека медиумот треба да е постар од шест месеци го тргнаа. Значи пред избори може да ти никнат портали како печурки после дожд, со сомнителна позадина, без да ги запазат критериумите за професионални медиуми и тие ем да бидат на исто рамниште со сериозни онлајн редакции. ем да имаат пристап до овие средства. Ова остава простор за сериозни сомнежи за корупција и злоупотреби. Регистарот на професионални онлајн медиуми можеше да биде појдовна точка на пример за ДИК при одлуките кому да се доделат пари кога веќе остана државата глува за апелите дека целиот концепт е погрешен“, вели претседателката на УО на СЕММ Катерина Синадиновска. 

До 2018 година политичките партии од свои пари ја плаќаа медиумската кампања за избори. Кога политичарите решија да го сменат ваквиот начин на финансирање, договорија медиумското рекламирање да го плаќа државата. За прв пат ова правило се примени минатата година за претседателските избори на кои имаше само тројца кандидати и за медиумско промовирање беа потрошени 3,7 милиони евра. Оваа година за парламентарните избори од државниот буџет во медиумите ќе се искешираат околу 3,6 милиони евра. Само трите големи партии од власта и опозицијата, СДСМ, ВМРО и ДУИ, за медиумско рекламирање од буџетот добија околу 2,4 милиони евра. Сите други 12 коалиции и партии, учесници на изборите, заедно можеа да потрошат околу 360 илјади евра. За истата намена коалицијата на Алијанса на Албанците и Алтернатива добила само 36 илјади евра. Буџетот за оваа година ќе се намали за сумата од околу 800.000 евра предвидени за БЕСА бидејќи оваа партија на изборите настапи во коалиција со СДСМ. За распределба на парите во ДИК се пријавија 44 се телевизии, 52 радио станици, 12 печатени медиуми и рекордни 235 портали. 

„Голем дел од нив, воопшто не ни известуваат за прашања кои се од јавен интерес. Сметам дека сите портали треба да имаат импресум, да ги почитуваат етичките стандарди и да известуваат релевантно, затоа што сепак се финансирани од јавни пари. Без тоа, онлајн медиумите ќе продолжат да ги злоупотребуваат финансиите, а за возврат нема да имаме вистинито и навремено информирање“, изјави за ИРЛ директорот на ЗНМ Драган Секуловски.

Сепак, дали лидерот на СДСМ Зоран Заев се рекламирал на сајтот Торти.мк или генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ Игор Јанушев на Кнежино.мк ќе покажат извештаите кои медиумите веќе почнаа да ги доставуваат до Државниот завод за ревизија. Медиумите се должни во рок од 60 дена  по завршување на кампањата да дадат отчет која партија или коалиција го искористила рекламниот простор и колку пари се исплатени од државниот буџет. 

Пресметките на ланските претседателски избори веќе најавуваат каков ќе биде распоредот на парите во медиумите и на овие избори. Во регистарот на ДИК лани беа пријавени 85 интернет портали.  

„За нас како организација, имајќи го предвид нашиот принципиелен став за истурање на јавни пари во медиумите, спорен е самиот концепт кога пари од Буџетот завршуваат во приватни медиуми и тоа ни повеќе ни помалку туку преку политичките партии. Се разбира дека  ова може да има влијание и врз уредувачката политика и независност на самите приватни медиуми, но и воопшто, со оглед на тоа за колкава сума се работи, ова прави сериозна дисторзија на и онака слабиот слободен медиумски пазар. На овие опасности ние реагиравме уште кога концептот беше во фаза на идеја, но нашите забелешки не наидоа на разбирање“, вели Синадиновска.

Според правилата една партија или коалиција може да потроши најмногу 15 илјади евра за изборни реклами во еден портал. Ограничувањето се однесува на портал, а не на издавач. Па така сопствениците на повеќе онлајн медиуми за овие избори понудија по пет и повеќе свои портали, со што неколкукратно ја зголемија шансата за брза заработка.

Овој пропуст беше регистриран и во извештајот на ОБСЕ објавен на крајот на април.

„ДИК го извести ОДИХР дека ѝ недостигаат професионален капацитет и соодветни законски насоки за верификација на апликациите за регистарот. Така, процесот на регистрација за овие избори беше заснован на нотификација, а не на целосна верификација. Ова резултираше во регистрација на неколку радиодифузери без лиценца за работа во Северна Македонија, кои требаше да се отстранат откако регулаторот на медиуми ја извести ДИК. Понатаму, поради отсуство на јасна дефиниција за интернет медиумите, некои веб страници регистрираа различни јазични едиции или различни домени на истата веб страница како одделни медиумски куќи, заобиколувајќи го лимитот на Изборниот законик за износот за трошоци за рекламирање на една партија во еден печатен или интернет медиум (15.000 евра).“, пишува во извештајот на ОБСЕ објавен на 30 април годинава.

Правилата не важат онлајн, ама важат за телевизии

Законот е ригорозен за телевизиите и радијата, каде се следи секоја секунда, изјава или збор на учесниците во изборната трка. Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги е задолжена да го следи изборното претставување на партиите и кандидатите и програмскиот сервис на радиодифузерите, од денот на распишувањето на изборите до завршувањето на гласањето на денот на одржувањето на изборите. Во случај на повреда на начелото на рамноправен пристап, Агенцијата е должна да покрене прекршочна постапка против одговорниот медиум. Тоа и се случи кога Агенцијата за медиуми поведе постапка за прекршување на изборниот молк за две телевизии Телма и Алсат, кои емитуваа изјава од министерот за здравство Венко Филипче. 

„Ние што работиме во телевизија најдобро да затвориме. Затоа што во вести е пуштена изјава на Филипче во врска со Ковид, неспорно информација од јавен интерес, Алсат-М и Телма добија прекршочни пријави. Денеска, заради автоцензура не објавивме информации од ИЈЗ во врска со Ковид. Затоа што административци ни мерат со шублер, не објавуваме информации од јавен интерес. Порталите пак отворено може да го прекршуваат изборниот молк со отворено навивање и никому ништо. Ако пуштиме филм со несоодветна категоризација – веднаш опомени – казни. Ако телекомите брутално пиратираат наша содржина за која сме платиле -никому ништо. Обвинителство, АВМУ, судови сите мижат. Затоа не може да биде од нас држава, затоа што за едни се гледа влакно во јајцето, а за други не важат никакви закони“, напиша главниот уредник Атанас Кировски на својот фб профил на 14 јули.

Иако медиумскиот интернет простор не е регулиран со посебен закон, сепак во Изборниот законик точно е наведено каква треба да биде законската обврска и на овие медиуми. 

„Радиодифузерите, односно Јавниот радиодифузен сервис, трговските радиодифузни друштва и електронските медиуми (интернет порталите) што одлучиле да гo покриваат изборниот процес, се должни тоа да го прават на правичен, на избалансиран и на непристрасен начин во својата вкупна програма. Јавниот радиодифузен сервис и националните радиодифузери се должни тоа да го прават на пристапен и достапен формат и јазик како и на знаковен јазик“, пишува во Изборниот законик во член 75.

МН:Антикорупциската бара укинување на рекламирањето од буџет

Летото во 2018 година четворицата лидери на тогаш најголемите парламентарни партии Зоран Заев, Али Ахмети, Христијан Мицкоски и Билал Касами во Клубот на пратениците договорија измени на Изборниот законик. Тие решија во името на потранспарентно и отчетно трошење на парите за избори, наместо како дотогаш партиите, државата да плаќа за медиумско рекламирање. Договорот беше верификуван во Собранието со 101 глас ЗА.

Според измените во законот, за секоја партија може да се одвојат најмногу две евра по запишан гласач, односно од вкупниот буџет предвиден за медиумска кампања 45 отсто добиваат двете најголеми владејачки партии и 45 отсто двете опозициски партии во парламентот. Другите парламентарни и непарламентарни партии и независните кандидати не можат да добијат заедно повеќе од 10 отсто од парите предвидени за медиумско рекламирање.  

Антикорупциската комисија на почетокот на годинава побара да се укине политичко рекламирање на партиите во изборите бидејќи според антикорупционерите „буџетското финансирање на платената политичка програма за изборна кампања е потенцијален ризик за корупција и создавање на клиентелистички однос“.

„Заради природата на својата дејност и големото влијание врз креирањето на јавното мислење, медиумите се појавуваат како значаен корисник на јавни финансии. Во пракса, трошењето на јавните, а пред сè буџетските финансиски средства од страна на државните институции често се врши на нетранспарентен начин, со селективност, привилегии и отсуство на отчетност и надзор над доделувањето и користењето на финансиската поддршка.“, предупредија од ДКСК.

Како особено ризични антикорупционерите ги посочија порталите, бидејќи нема критериуми според кои порталите можат да влезат во списокот на ДИК. Претседателката на Антикорупциската комисија. Билјана Ивановска предложи во регистарот на ДИК за буџетско медиумско рекламирање да влезат само интернет медиумите кои се членови на регистарот на Советот на етика и Здружението на новинарите на Македонија. Но, ова предупредување  не допре до партиите и не успеа да го смени тоа што беше договорено на ноќните средби во Клубот на пратеници. Праксата продолжи и на парламентарните избори одржани на 15 јули.

Државата повторно станува еден од најголемите огласувачи во медиумите, со што се отвора можност политичките партии да влијаат на начинот на известување на новинарите. Од 2015 година, кога под притисок на новинарските здруженија и на меѓународниот фактор, владата на Груевски беше принудена да прогласи мораториум на владиното рекламирање, последните две години количеството на јавни пари во медиуми во разни форми рапидно се зголемува.

Оваа содржина ја изработи Истражувачката новинарска лабораторија (ИРЛ) во соработка со Институтот за комуникациски студии и онлјан платформата Само прашајкако дел од проектот Поврзи ги точките: подобрени политики преку граѓанско учество што го финансира Британската амбасада во Скопје.

 

Сашка Цветковска

Сашка Цветковска

Главен и одговорен уредник

Сашка Цветковска е меѓународно наградуван истражувачки новинар и главен уредник на Истражувачка репортерска лабораторија. Цветковска работела на голем број национални и прекугранични истраги кои открија домашен и меѓународен криминал, корупција, недозволена трговија со оружје и војни со дезинформации. Истражувањата на кои што работела биле објавувани во Гардијан, Базфид, Зидојче Цајтунг и други. Нејзините сегашни одговорности се фокусирани на зголемување на влијанието на истражувачко известување преку создавање нови наративи на приказните преку филм и кампањи. Во таа насока во моментов ја извршува позицијата продуцент на документарен истражувачки серијал Редакција. Цветковска десет години е дел од истражувачкиот тим на Меѓународниот проект за известување за организиран криминал и корупција, меѓународна медиумска организација поврзана со ИРЛ. Била член на Бордот на директорит на OCCRP и на Здружението на новинари на Македонија.

Елена Митревска Цуцковска

Елена Митревска Цуцковска

Уредник за развој и операции

Елена Митревска Цуцковска е коосновач на ИРЛ и заедно со уредникот е одговорна за следење и дизајн на процесот на импленетанција на активностите на ИРЛ. Таа е проектен директор на документарниот серијал Редакција. Со новинарите соработува повеќе од 10 години и работела и на други технолошки решенија за подобро пребарување на јавните дати бази на податоци кои ги употребуват нашите репортери со цел нивната работа да биде побрза и поефикасна. По професија е софтвер инженер и графички дијзанер и таа е воедно и првиот технолошки експерт кој е обучен и работи во сферата на медиумите. Дел е од прекугранчата група на технолошки експерти на OCCRP и со своите поинакви вештини допринесува во прибирање и анализа на информации и како истражувач во ИРЛ.

Бојан Стојановски

Бојан Стојановски

Заменик главен и одговорен уредник

Бојан Стојановски е дипломинаран новинар со над десет годишно искуство во медиуми. Работел во телевизиите Алфа, 24 Вести и Алсат од каде доаѓа и станува дел од тимот на ИРЛ. Стојановски низ кариерата следел теми од областа на судството, криминал, корупција. Во 2013 - та година ја добива наградата „Никола Младенов“ за истражувачко новинарство, на тема „Вработување во јавната администрација преку партиски список“.

Деница Чадиковска

Деница Чадиковска

Уредник за развој и операции

Деница Чадиковска е дипломиран психолог, која својата новинарска кариера ја започнува во 2017 година како коавтор и копродуцент на младинската емисија Крик. Чадиковска стана дел од тимот на ИРЛ во 2018 година како истражувачки новинар – практикант во рамки на проектот за обучување на идни медиумски лидери. Во јуни 2023 година таа доаѓа на позицијата уредник за комуникации задолжен за спроведување на комуникациската стратегија на ИРЛ како дел од тимот за комуникации и продукти.

Mаја Јовановска

Mаја Јовановска

Истражувач и новинар

Mаја Јовановска е дипломоран новинари и следи теми од областа на корупција, криминал и правосудство. Во долгогодишната кариера работела во бројни медиуми како А1 телевизија, Канал 5 телевизија, Алсат и порталот НОВАтв пред да се придружи на основачкиот борд на ИРЛ во 2018. Добитник е на домашни признанија и награди и има учествувано на голем број обуки и конференции од областа на истражувачкото новинарство. Била член на раководството на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници на Македонија и Советот на Етика во медиумите во Македонија, а моментално е дел од раководството на ЗНМ.

Александра Денковска Гоцевска

Александра Денковска Гоцевска

Истражувач и новинар

Александра Денковска Гоцевска е дипломиран новинар со десетгодишно искуство. Работела во дневниот весник Нова Македонија, новинската агенција Мета.мк и порталот НОВАТВ. Во текот на кариерата работела на теми од областа на политика, урбанизам, судство и корупцијата. Со истражувачко новинарство започнува да се занимава во 2015 година кога доаѓа да работи како репортер во истражувачката редакција на НОВАТВ. Учесник е на десетици конференции и работилници за истражувачко новинарство. Автор е на првата андеркавер истражувачка сторија во Македoнија за животот на децата од домот 25 Мај.

Александар Јанев

Александар Јанев

Истражувач и новинар

Александар Јанев е дипломиран економист кој својата кариера како економски новинар ја започнува во 2008 во телевизијата Алфа. Вештините за професионално известување ги учи од врвни економски новинари преку обуки во земјава, но и во странство во новинската агенција „Ројтерс“, Велика Британија. Во 2010 година преминува во печатениот медиум Капитал, каде што работи до 2022 година. Во меѓувреме работи како постојан соработник на Балканска истражувачка репортерска мрежа (БИРН), а од 2018 година е и автор и уредник на ТВ проектот „Агенда 35“ што се емитува на Македонската радио телевизија. Од 2023 е дел од тимот на ИРЛ и следи корупција и економски криминал.

Иван Блажевски

Иван Блажевски

Истражувач и новинар

Иван Блажевски е новинар кој се занимава со теми од областа на меѓународни односи, криминал и корупција. Од 1998 година работи како новинар, а од 2001 година е уредник и дописник на шпанската државна новинска агенција EFE за Македонија, Албанија и Косово. Во својата долгогодишна кариера, Блажевски работел во бројни медиуми како Макпрес, Франс Прес (AFP), Вечер, Дневник, Време и Радио Слободна Европа, а 18 години бил уредник на вестите и документарната програма во ТВ АЛСАТ. Блажевски се придружува на тимот на ИРЛ во 2024 година. Добитник е на награда за истражувачко новинарство од Македонскиот институт за медиуми (МИМ). Има произведувано телевизиски програми во повеќе држави и региони, вклучувајќи Јапонија, Гренланд, Боливија, Кина, Непал, Бангладеш, источна Африка, Куба, Перу, Данска, Италија, Германија и други.

Пелагија Младеновска Стојанчова

Пелагија Младеновска Стојанчова

Истражувач и новинар

Пелагија Младеновска Стојанчова е новинар со над 16 години искуство во медиумската сцена. Својата кариера ја започнува во дневниот весник „Шпиц“ во 2008 година и во неделникот „Сега“. Од 2009 година се придружила на тимот на Радио Слободна Европа на македонски јазик, каде известува за политика, криминал, корупција и економија преку различни медиумски платформи. Од 2024 се вработува во ИРЛ како истражувачки новинар. Дипломирала на Филозофскиот факултет и продолжила образованието на Школата за новинарство на Македонскиот институт за медиуми (МИМ). Во текот на нејзината кариера работела на проекти за едукација и менторство на млади новинари.

Лука Блажев

Лука Блажев

Графички дизајнер

Лука Блажев е графички дизајнер во ИРЛ кој станува дел од тимот во 2019 година. Неговата кариера во полето на графички дизајн и уметност започнува во 2017та година преку работа на повеќе проекти за различни домашни и странски компании. Во ИРЛ, Блажев е задолжен за изнаоѓање графички решенија за истражувањата и дизајн на промотивните содржини кои произлегуваат од истражувањата, а ја следат комуникациската стратегија на ИРЛ. 

Трифун Ситниковски

Трифун Ситниковски

Режисер на "Редакција"

Трифун Ситниковски работи во филмската индустрија повеќе од една деценија. Има снимено повеќе од десетина кратки акциони филмови, кратки документарни филмови и три ТВ серии на кои работел како сценарист, режисер и извршен продуцент. Покрај режија на филмови, има работено и на бројни проекти како продуцент, монтажер, кинематографер, асистент на режисер и претпоставен за сценарио на кратки филмови, ТВ емисии, документарни филмови, реклами и музички спотови. Неговиот последен проект како режисер и сценарист е на документарниот серијал „Редакција“.

"Трајче

Трајче Антоновски

Kинематографер

Трајче Антоновски е снимател и дел од кинематографите на документарниот серијал „Редакција“. Антоновски повеќе од 10 години работи на визуелна реализација на спортски натпревари под покровителство на УЕФА и ЕХФ. Работел во информативната редакција на А1 и порталот НОВА ТВ, а бил дел од тимот за реализација на политичките емисии “Еврозум”, “Проверено”, но и на бројни забавни проекти како популарниот квиз „Кој сака да биде милионер“,„50-50“ и други проекти. Во ИРЛ Македонија е  дел од тимот задолжен за екранизација на сториите.

Горјан Атанасов

Горјан Атанасов

Монтажер и видео уредник

Горјан Атанасов е филмски и ТВ монтажер со повеќе од 8 години искуство во филмската и телевизиска индустрија. Атанасов има работено на повеќе играни и документарни проекти. Досега, како монтажер, се има потпишано на 6 кратки играни, 2 долгометражни документарни филмови, а моментално во ИРЛ работи како монтажер на документарниот серијал „Редакција“ и на кратките видео стории и мултимедијални проекти на организацијата.

„Поштенска банка“ е случај стар повеќе од две децении. Како се приватизирала првата државна банка се истражуваше исто толку долго. Случајот го реотвори во 2018 година тогашното Специјално јавно обвинителство. Но, по распадот на СЈО, случајот го презеде Обвинителството за гонење организираниот криминал и корупцијата. 

На 13 јуни 2024 година Кривичниот суд во Скопје, поради политичката интервенција на владата на СДСМ и ДУИ во спорните измени на Кривичниот законик, ја запре постапката. Таа се водеше против бизнисменот Томе Главчев, актуелен претседател на Кошаркарската федерација на Македонија, потоа Ратко Димитровски, поранешен градоначалник на Кочани од ВМРО-ДПМНЕ и адвокатот Зоран Шуклев.

Тие беа гонети за делата злоупотреба на службената положба и за перење пари. Преку надзорот било утврдено дека во решението на Кривичниот суд не е наведено по кој член од Законот за кривична постапка (ЗКП) се запира постапката.

Обвинителството за гонење на организираниот криминал и корупцијата, незадоволно од одлуката на Кривичен, поднело жалба со образложение дека Главчев, Димитровски и Шуклев треба да одговараат барем за делото перење пари.

Сепак, вишиот јавен обвинител Јован Цветановски се откажал од правото на жалба пред Апелација, а таквата одлука ја објаснил преку службена белешка во која причините за повлекување од жалбата биле, како што се наведува во надзорот, целосно контрадикторни и нејасни.

„Јавните обвинители Лиле Стефанова и Елвин Вели сметаат дека со откажувањето од жалбата на Основното јавно обвинителство за гонење на организираниот криминал и корупцијата, јавниот обвинител од Вишото јавно обвинителство Скопје не постапил професионално, стручно и законито“, стои во извештајот. 

Но, обвинителот Џелал Бајрами сметал дека Цветановски постапил согласно неговите надлежности. Со откажувањето од жалба Апелацискиот суд повеќе немал можност да расправа по жалбата на Обвинителството за гонење на организираниот криминал и корупцијата и случајот бил затворен.

Вториот случај е за бесправно градење во Зелениково на Драган Павловиќ-Латас и неговите двајца браќа Звездан и Срѓан Павловиќ. Кривичниот суд ги ослободил од вина на 4 јули 2019 година, а на 18 јули 2022 година на повторното судење била донесена истата одлука. 

Јавното обвинителство Скопје поднело жалба која на 10 октомври 2023 година била уважена и била закажана седница пред Апелацискиот суд во Скопје. На 6 ноември 2023 предметот бил рефериран во Јавното обвинителство каде што биле присутни тогашниот државен обвинител Љубомир Јовески, јавните обвинители Ферат Елези и Соња Симовска и вишите јавни обвинители Мустафа Хајрулахи и Јован Цветановски.

„Заклучокот по однос на реферирањето на јавниот обвинител кој го застапува предметот пред Апелацискиот суд да предложи да изготви вештачење дали преземените дејствија во предметот во градежните работи претставуваат подготвителни дејствија и да се утврди датумот на отпочнување на градежните работи. Да се повика вешто лице на главната расправа и да се расчистат дилемите“, пишува во извештајот од надзорот во ВЈО Скопје. 

Веќе следниот ден одбраната на браќата Павловиќ пред Апелацискиот суд доставила нов доказ - наод и мислење изготвено од вешто лице. Цветановски побарал рочиштето да се одложи за вкрстено да може да го испраша вештакот. Но, тогаш според надзорот се случило следното:

„Јавниот обвинител на расправата не ги поставил прашањата што ги најавил на записник од 7.11.2024 година, а на поставените прашања не добил одговор од вештото лице на спорните прашања од реферирањето пред Јавното обвинителство на Република Северна Македонија“, пишува во извештајот. 

Цветановски не постапил по насоките добиени на колегиумот во обвинителството да се изготви вештачење и наместо тоа го прифатил вештачењето на адвокатите на одбраната.

„Јавниот обвинител постапил спротивно на член 37 од Правилникот за внатрешно работење на јавните обвинителства според кој заземениот став и мислење по реферирањето е задолжителен за пониското јавно обвинителство“, напишале обвинителите Лиле Стефанова и Елвин Вели во документот од надзорот. 

Но, третиот член на комисијата за надзор, Џелал Бајрами, бил со став дека Цветановски постапил согласно заклучоците од реферирањето пред колегиумот во обвинителството.

Третиот предмет кој бил анализиран е случајот „Серта“ за тендери за чистење владини институции. Предметот стигнал во Вишото обвинителство откако Основното обвинителство поднело жалба на одлуката на Кривичниот суд.

Овој суд при оцена на обвинителниот акт ги прифатил приговорите на обвинетиот Спасо Ѓеорѓиев и фирмата „Серта“ кои биле гонети за злоупотреба на постапката за јавен повик. ОЈО на 29 јануари 2024 година ја обжалило ваквата одлука на судот.

Токму за овој случај има известување за вршење притисок врз службеничка во Вишото јавно обвинителство Скопје која ги архивирала и распределувала предметите. Добила наредба од тогашниот шеф на Вишото обвинителство Мустафа Хајрулахи со насоки кај кој обвинител да го додели случајот.

„За предметот ‘Серта’ ми беше кажано да му го заведам и дадам на јавниот обвинител Јован Цветановски“, изјавила службеничката Даниела Лапе, вработена во ВЈО Скопје, чие сведочење е дел од извештајот од надзорот.

На рочиштето на 9 април 2024 година во Апелацискиот суд, вишиот обвинител Цветановски се откажал од жалба.

„Од увидот во службена белешка од 9.4.2024 година видно е дека јавниот обвинител ги анализира доказите приложени кон обвинителниот акт, што е спротивно на одредбите од Законот за кривична постапка, член 336 и член 337, имајќи ја предвид фазата во која се наоѓал предметот“, пишува во извештајот од надзорот.

Во оваа насока е и правното мислење на Врховниот суд од 7.12.2021 година дека Советот за оцена на обвинителен акт не ги анализира доказите ниту, пак, го оценува квалитетот на доказите. Тој само треба да внимава дали некој доказ е прибавен на незаконит начин, нешто што требало да биде фокус за произнесување и на Јован Цветановски.

„За предметот е донесена пресуда на Врховниот суд на Република Северна Македонија 11.9.2024 година. Во оваа пресуда е констатирана повреда на законот во корист на обвинетите, а во самата пресуда е наведено дека ваквата повреда, сторена од страна на Советот за оцена на обвинителен акт, можела да биде санирана доколку Вишиот јавен обвинител не се откажал од изјавената жалба“, стои во документот од надзорот. 

Јавните обвинители Лиле Стефанова и Елвин Вели во заклучоците за овој предмет напишале дека со откажувањето од жалбата обвинителот Цветановски не постапил професионално, стручно и законито и се впуштил во анализа на докази и постоење на умисла за сторување кривично дело. Но, тоа требало да го утврдува надлежен суд. Сепак, и за ова јавниот обвинител Џелал Бајрами сметал дека Јован Цветановски постапил согласно неговите надлежности. 

Последниот, четврти, случај кој бил контролиран повторно е на обвинителот кој е под бројот римско два - Јован Цветановски. Станува збор за точење алкохолни пијалаци на дете.

Судот во Неготино ги прогласил за виновни Ѓорѓи Лазов и Илија Вангелов и правното лице ДПТУ „С.О.С. обезбедување“ ДОО Неготино. Обвинетите биле незадоволни од пресудата, па поднеле жалба по што бил оформен предмет во ВЈО Скопје.

На 3 февруари 2023 година Апелацискиот суд во Скопје ја укинал пресудата и предметот го вратил на повторно судење. Јован Цветановски не се појавил на јавната расправа во Апелација, а претходно ВЈО Скопје оценило дека жалбите на обвинетите се неосновани.

На 8 мај 2023 година судот во Неготино донел нова пресуда во која обвинетите биле прогласени за виновни, по што тие повторно поднеле жалба.

„На 23.8.2023 година од страна на јавниот обвинител во Вишото јавно обвинителство Скопје, Јован Цветановски, до Апелацискиот суд Скопје е доставен писмен предлог КОЖ.бр. 1187/23 со кој се предлага жалбите на обвинетите да се одбијат како неосновани“, се наведува во извештајот од надзорот. 

Цветановски дополнително објаснил дека во повторното судење судот во Неготино постапил по насоките дадени од Апелација и биле отстранети сите констатирани повреди во првостепената постапка. Но, само неколку месеци подоцна Јован Цветановски се премислил.

„На расправа на 26.12.2023 година јавниот обвинител се откажува од обвинението. Од увидот во пресудата на Апелацискиот суд Скопје на расправата пред судот не бил изведен ниту еден нов доказ и со ништо не била променета фактичката состојба од моментот на давањето на предлогот“, стои во извештајот од надзорот.

На истиот ден, 26 декември 2023 година, Цветановски изготвил службена белешка дека се откажал од обвинение затоа што немало докази за делото.

За ваквиот начин на постапување, единствено мислење имаат сите тројца обвинители кои го вршеле надзорот, Лиле Стефанова, Елвин Вели и Џелал Бајрами, кој за претходните три случаи беше со став дека Цветановски постапувал законито. Сега и Бајрами сметал дека Цветановски постапил спротивно на правилата.

„Јавните обвинители Лиле Стефанова, Елвин Вели и Џелал Бајрами сметаат дека, имајќи ги предвид писмените предлози во двете постапки и ставовите искажани во нив, а во ситуација кога на главната расправа не се изведени нови докази, со откажувањето од обвинението јавниот обвинител не постапил професионално, стручно и законито“, нотирале тројцата обвинители во извештајот од надзорот.

Но, извештајот кој содржи 20 страници е потпишан само од обвинителите Лиле Стефанова и Елвин Вели. Џелал Бајрами не се потпишал на документот кој откако бил изработен му бил доставен на тогашниот државен обвинител Љупчо Коцевски.

Во прилог на извештајот има службена белешка од Бајрами, како и известување од петте службенички за начинот на кој Мустафа Хајрулахи им вршел притисок да заведуваат и распределуваат предмети во Вишото обвинителство додека бил шеф.