Press "Enter" to skip to content

Пандемско профитерство или грижа за заедницата: Другата страна на приказната за КОВИД-19 тестовите (1/2)

Приватното тестирање на КОВИД-19 почнува широко да се распространува. Пионер беше болницата „Жан Митрев“ за чии што етички принципи во наплаќањето екстра за итни тестови пишувавме вчера. Од денес тестови се прават и во болницата „Систина“. Но, тестовите во „Систина“ може да покажат дали болните го прележале вирусот, но не и да се детектира присуство на вирусот. Оваа приказна испитува дали граѓаните имаат доволно информации од страна на понудувачите на тестови и што прави државата за да испита или спречи можно неетичко и несовесно профитирање во време на КОВИД-19

Автори: Сашка Цветковска, Маја Јовановска, Графика: Елена Митревска

Секој граѓанин што јавува симптоми на настинка, прво на што помислува е тестирање за КОВИД-19. Но, брзорастечката пандемија остави многу од државите без доволно тестови за детектирање на вирусот, а приоритет им се дава само на ризичните граѓани. Некаде недостасуваат и реагенси, дури и во побогатите западноеврпски држави како Белгија. На 16 март кинеската влада соопшти дека тие во нивните лаборатории измислиле ефикасен брз тест преку примерок од крв којшто дава резултати за 10 минути, чини евтино и лесно може да се произведе и дистрибуира.

Набрзо потоа, почна инвазија од продукција на овие тестови, а глобалната фармација брзо и стратешки ја искористи пандемијата и дополнително влеа недоверба во институциите. Овие тестови се рекламираат и преку пиар соопштенија во кои што приватните фирми се ставаат во улога на спонзори на општеството, имплицирајќи дека ако не можат владите, можат тие. Во многу држави овие тестови ги нарачуват и самите влади. Но, податоците за точноста и намената на овие тестови, според многу експерти се манипулативни. Истовремено, институциите не се заинтересирани да го спроведат владеењето на правото во време на вонредна состојба и во најмала рака да не дозволат злоупотреби врз населението во име на профитот.

Манипулативна реклама на тестови за КОВИД-19

Тестовите во „Систина“ почнаа да се прават денеска, а веќе се закажани сите термини до 5 април. Така одговорија оттаму кога новинарите на ИРЛ се јавија да закажат тест. Цената на тестот е 1200 денари, односно за 300 денари поевтина од другите две приватни лаборатории „Жан Митрев“ и „Биотек“ кои вршат тестирања за Ковид-19. Тестовите се набавени од фирма од Холандија, а дневно имаат капацитет за 300 теста.

„Тестот кој се користи е високопрецизен брз хроматографски тест за детекција на IgG и IgM антителата кои се создаваат од коронавирусот (COVID-19). Комбинираната употреба на IgG и IgM тестот може ефикасно да детектира присуство на вирусната инфекција или претходен контакт со вирусната инфекција преку имунолошкиот статус на телото. Точноста на тестот е 92.9% , a доколку подобро се информирате, попрецизни  резултати се добиваат на тестовите кои се вршат преку земање на примерок од крв во споредба со тестовите каде што примерокот се зема преку брис, особено во случаите кога тоа пациентите треба да го направат сами“, одговорија од „Аџибаден Систина“ на прашањата на ИРЛ. 

Тестовите во Институт за јавно здравје, „Жан Митрев“ и „Биотек“ се прават преку брис и со нив се детектира дали лицето е заболено од коронавирус.  Овие тестови се нарекуваат молекурални тестови. Тестовите во „Систина“ се прават преку крв и преку нив се откриваат само антитела на вирусот, со што пациентот може да дознае дали бил претходно заболен од Ковид-19 и во многу ретки случаи дека во моментот има вирус. Тоа на денешната прес конференција го објасни и министерот Венко Филипче.

„Рапид тестовите не се дијагностички тестови”, вели министерот за здравство Венко Филипче. Во превод, тие не го детектираат вирусот, туку присуството на антитела во крвта.

„Има два типа на тестови. Едниот тест којшто го детектира присуството на вирусот и тоа е дефинитивно знак дека пациентот е носител на вирусот и може да ја пренесе болеста. Во однос на другиот тип на тестови тие се нарекуваат брзи бидејќи пократко време траат, но не го детектираат вирусот, туку антителата и тоа значи дека детектира дали некој бил веќе заболен, можеби без да знае во некоја сосема лесна форма. И има еден сосема мал временски сегмент од неколку дена во кој што присуство на специфичен тип на антитела може да укаже на тоа дека пациентот во исто време е се уште носител на вирусот. Едноставно речено, може да се провери дали се болни и прележале. Ние апелираме дека најдобрата заштита е социјалната дистанца. Тоа е она што функционира во моментов“, вели министерот за здравство Венко Филипче  во разговор со ИРЛ.

Сите контроверзи за брзите вирусни тестови

„Овој тест едноставно не е дијагностички тест“, ќе соопшти Националниот институт за Јавно здравје во Чешката република. Институт објаснува дека тестовите не можат да го детектираат вирусот во првите пет до седум дена по инфицирањето, бидејќи дури после тие денови почнуваат да се продуцираат првите антитела. Овој тест се нарекува имунолошки тест и може да детектира само антитела. Ако ги минал периодот од најмалку пет дена, тогаш тие не детектираат ништо.

Чешката, како и шпанската влада, на пример, порачува дека овие тестови најдобро е да се прават по завршување на 14 дневен карантин.

Ако ја отворите веб страницата на болницата „Систина“, ќе ве пречека реклама во која што тие велат дека прават тестови за детекција на вирусот.

Ако го исклучите овој банер и сакате да прочитате повеќе за овој тест, за истиот треба да ја побарате секцијата новости. И таму нема специфична информација за тоа што ќе покаже тестот.

Се обративме и во „Систина“ од каде што меѓу другото, ни испратија и линк со 25 страници информативен технички опис на тестот. Тие велат дека се транспарентни и го објавиле на својата веб страница. Сепак, не е едноставно да се дојде до овој документ преку едноставна навигација на веб сајтот. Но, не многумина би го нашле и отвориле линкот, ниту пак, многумина имаат време и должност да исчитат толкав тест за самите да донесат заклучок.

Претходниот ден, во сите медиумите се појавија идентични написи кои ја промовираа „Систина“ и нејзината нова услуга – брзиот КОВИД -19 тест. Маркетинг сопштенијата на болницата завршија со идентични наслови на многу веб страници. Граѓаните од сите страни беа бомбардирани само со една информација во врска со тестирањата, а тоа е дека и „Систина“ ќе прави тест, тој ќе бил поевтин од државниот и немало да ги има неетичките пракси на Жан Митрев, односно тестови преку ред. Но, анализата на ИРЛ покажа поинаква реалност.

Запрашан дали смета дека институциите на системот треба да ги следат овие случаи и да обезбедат амбиент во време на криза во којшто ќе се елиминираат ризиците од злоупотреби на сензибилизираната јавност за животно-загрозувачки вирус за личен профит.

„Не сакам да коментирам за тоа. Не можам да ограничам право на некој да прави тестирања, се’ што можам да ви кажам е дека тој тест не е дијагностички тест“, рече Филипче.

Како членка на дигиталниот форумот за известување за глобалната здравствена криза поставен од Меѓународниот центар за новинарство со седиште во Вашингтон, ИРЛ има пристап од врвни светски експерти чија задача е да го помогнат квалитетот на нашето известување. ИРЛ праша еден таков експерт.

„Не постои нешто како брз тест. Дури и тие тестови навистина да го прават тоа што тврдат дека го прават, аспектот на профитирање во време на пандемија е многу проблематичен “, вели за ИРЛ независниот меѓународен ексеперт, доктор Клер Стенли, асисистент професор и истражувач на Универзитетот „Џорџтаун“ на Одделот за глобално здравје, наука и безбедност со истражување фокусирано на интернациоалното градење капацитети за јавното здравје.

Светската здравствена организација на својата страница има детални инфомрации за тоа кои се предностите, а кои лимитациите на таканаречените рапид тестови.

„Сензитивноста на рапид тестовите варира, а медијанот е од 70 до 75%, додека специфичноста е висока, со медијан од 90-95%. Поради ниската сензитивност, лажните негативни резултати се голема грижа во врска со овие тестови, се вели во дел од анализата на брзите тестови за вируси на СЗО.

Вториот дел читајте го овој викенд, а за точно време на објавување следете не на социјалните мрежи. Подолу погледнете ја нашата вчерашна статија во која што откривме неетичниост и промовирање на нееднаков пристап до здравствените услуги врзани со КОВИД тестирањето.

(ВИДЕО) КОВИД-19 тестови: Право или привилегија во време на пандемија

 

 

Повеќе од Насловна централнаПовеќе теми во Насловна централна »